основни податоци за Шар Планина


Шар Планина се наоѓа во северозападниот дел на Р. Македонија. Масивот се протега североисток-запад-југозапад во должина од 76 км. (мерено по гребен), со површина од 1600 км.2 и просечна височина од 2200м. Започнува со реката Лепенец, односно со врвот Љуботен (2499м.), а завршува со Лера (2197м.) поточно со изворот на реката Вардар, Вруток.
Шар Планинскиот масив спаѓа во млади верижни планини, со планинска клима која се карактеризира со студени зими и пријатни лета. Просечната температура во зимскиот период е -1,5оС, а во лето 17оС. Дебелината на снежната покривка во просек е 1м. Со траење од четири месеци на височина над 1300м. Ветровите кои дуваат, најчесто се од северозападен правец.
Масивот го карактеризита богата флора и фауна. Изобилува со високо планински пасишта од 45000 хе, и високо стеблести, четинарски шуми, од кои најзастапени се високата ела и смрека, а во пониските делови буковата и костеновата шума, која ја има до височина од 1700м. (10000 хе.). Од цветната флора ќе го издвоиме енцијанерот. Застапеноста на фауната е исто така голема со над 44 видови дивеч од кои ги издвојуваме: рисот, еленот, срната, дивокозата, балканската мечка и дивата свиња. Од птиците се издвојуваат повеќе видови на орли, соколи и јастреби. Надалеку познат е шарпланинецот кој е ендемски вид и гордост на Шар Планина и Македонија.
Посебна карактеристика на Шар Планина се т.н. Шарпланински Очи кои всушност претставуваат голем број на глацијални езера. Нивниот број е 25 постојани, 14 повремени и преку 150 локви. Водениот потенцијал на овој масив е огромен и брои преку 200 извори на чиста изворска вода. Од рудните богатства застапен е манганот, железната и хромната руда, молибденот, бакарот и други минерали.
Шар Планина брои голем број на врвови со височина над 2000м. Ги набројуваме почнувајќи од почетокот на протегање на масивот од северозападната страна: Љуботен (2499м.), Ливадица (2491м.), Пирибег (2524м.), Чаушица (2640м.), Бистрица (2540м.), Црн Врв (2580м.), Кобилица (2526м.), Шилиџе (2502м.), Караникола (2479м.), Скакало (2494м.) кој потоа прекиу Бабаасаница се спуштаат во најубавиот и најатрактивниот дел на овој масив, а тоа е просторот на Лешница. Оттука се искачува на највисокиот предел на Шара каде се наоѓа највисокиот врв, Титов Врв (2747м.). Околу овј врв се наоѓаат уште неколку врва Церипашина (2525м.), Син Врв (2550м.), Казани (2567м.), Бакардан (2700м.) и Мал Турчин (2702м.), кои продолжуваат кон Џинибег (2610м.), Трапезница (2599м.), Борислаец (2602м.), Голема Враца (2582м.), Расенгул (2383м.) и Лера (2197м.) која постепено се спушта.
Шар Планина има огромен потенцијал за развивање на панинските спортови: скијањето, планинарството, алпинизмот, планинскиот трекинг, планинско велосипедство, параглајдерството, спортскиот лов и риболов, а и за изградба на повеќе ски-центри. Засега единствен ски-центар на Шара е Попова Шапка. Се наоѓа во средишниот дел на овој масив, над градот Тетово, во лулката под Церипашина. На овој локалитет се наоѓаат и сегашните ски-терени кои се со површина од 30 км2. Како ски локалитети можат да се развииваат уште поголем број на предели од овој масив како: љуботенско - ливадичкиот, пределот на Пирибег, кобиличкиот, лешничко - јелачкиот, вакуфскиот и пределот на Борислаец. Исто така овие предели можат да се користат и како центри за развој на планинарските и останатите гореспоменати спортови.
 
:: ЗА ИМИЊАТА ::

Шар Планина - име кое нешто кажува. Дали е тоа заради нејзиното шаренило или пак тоа претставува име кое датира од многу постар период и значи нешто друго? Да провериме!
Најголем труд за откривање на корените за името има вложено еден од најпасионираните истражувачи на Шара, Душан Кривокапиќ. Тој има забележано дека уште и дечанскиот архимандрит Сава, вака ја има опишано овааа планина: "снежна белина, зелена трева, сивкасти камења и различни дрвја". Потоа францускиот истражувач Ами Буе, името го објаснува со разновидноста на планинскиот релјеф и растителанта покривка, со што го користи името Шар, а наполно ги отфрла дотогаш користените турски имиња како "Шарлаг" и "Чардаг".
Сепак името Шар Планина потекнува од поново време, поточно од 1840 година кога во пишаните документи покрај имињата "Скардус", "Монте Аргентаро" се појавуваат и домашни и турски имиња: "Шар", "Шара Планина", "Шарта", "Шарлаг" и "Чардаг".
Инаку и античките Грци и Римјани ја познавале оваа планина, пр: Полибие за Шара го споменува името "Скардос", а Ливие, "Скордие Монтис" и "Скардус".
Јован Цвииќ објаснува дека планината се до 16 век се викала "Скардус". Тоа име потоа се губи и се вика "Монте Аргентаро" со што во 19 век веќе се употребува името Шар Планина.
Според истражувањата на повеќе автори името "Шар"  потекнува од името "Скард", односно латинскиот збор "Скардус".
Значи името е "Шар Планина", а планината е Шар Планина!

panorama
А Попова Шапка?
Се надеваме дека на сите добро Ви е познато од каде името на местото на Шар Планина наречено Попова Шапка. Дали е така?
Секако дека асоцира на шапка на некој поп кој најверојатно ја има заборавено оставени или пак ветерот му ја има оддувано од неговата глава.
Според кажувањата на тоа место поминувал некој поп кој одел кон Тетово и во тој момент задувал силен ветер, при што му ја оддувал шапката. Тој на своите помошници им наредил да ја побараат но поради временските услови тоа не било можно, при што си заминале, а местото засекогаш го добило името според поповата шапка, односно Попова Шапка.
 
Што е со Титов Врв?
titov vrv
Највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв името го добил на
следниов начин:
Местото каде што се наоѓа врвот е во внатрешноста на масивот. Околу него се наоѓаат уште 2 врва со пониска висина и тоа Мал Турчин 2702м. и Бакардан 2700м. Најстарото име за ова место датира од многу одамна како Тричин што всушност ги означува трите врва.

За време на владеењето на Турците врвот во средината го добива името Турчин или Турчин Планина, а останатите два ги добиваат и сегашните имиња, т.е. Мал Турчин и Бакардан.

Името останува Турчин се до 1934 година кога во месец октомври е преименуван во Александров Врв, во слава на кралот Александар 1.

За време на Втората светска војна врвот го добива своето старо име Турчин или Голем Турчин.

Така е се до 21.04.1953 година кога со оклука на Собранието на Н.Р. Македонија врвот го добива денешното име Титов Врв.