Во Тетово, градот под Шара,
на 23 март 1925
година се формира Планинарско Друштво „Љуботен“.
Со формирањето на ова друштво започнуваат
организираните искачувања кон убавините
на Шара.
Веднаш по формирањето, дел од членовите
се искачиле на највисокиот врв на Шара,
Турчин и го поставиле државното знаме. Планинарските
активности немале некои големи достигнувања
во првите пет години, но со иницијативата
за градење на планинарски дом на Попова
Шапка активностите стануваат се побројни.
По изградбата на планинарските домови на
Љуботен во 1931 и
на Попова Шапка во 1934
година, во кои интензивно учевствувале членовите
на планинарското друштво „Љуботен“, планинарските
активности по цела Шар Планина стануваат
многубројни.
На
Љуботен 1928
На
Титов Врв 1935
На
Јелак 1936
Во октомври 1934
година е извршено преименување на врвот
Турчин во Александров Врв кое го извршиле
членовите на друштвото. Најзначајните планинарски
посети во овој период се на Попова Шапка,
па од тука на Јелак, Лешница, Караникола,
Церипашина, Турчин, Боговињско Езеро, Кобилица,
потоа Љуботен со Ливадичко Езеро, Пирибег
и др. Во 1940 година,
нашите членови учевствуваат и во светењето
на планинарско– ловечкиот дом на Голгота.
Во периодот на 1934г.
во рамките на друштвото се формира скијачка
секција која е доста активна на тогашните
курсови и натпревари.
Караниколичко
езеро 1937
Попова Шапка
1938
Спуст кон Тетово
1937
За време на Втората светска
војна активностите на друштвото се во стагнација.
Пролетта 1947 година
на Попова Шапка е одржано Собрание на кое
е возобновено Планинарско Друштво „Љуботен“.
Оттогаш започнува повторно организирање
на планинарски акции и тоа преку јавни повици
и плакати. Во тој период започнуваат и зимски
искачувања на Шара. Од 1947
до 1956 година се
обновуваат постоечките домови на Попова
Шапка и Љуботен, се градат планинарски прифатни
куќи под Титов Врв, Црн Врв и на Пирибег,
се гради планинарскиот дом на Јелак и изградена
е планинарската кула на Титов Врв. Сите
овие домови се изградени и обновени од страна
на планинарското друштво „Љуботен“.
Попова
Шапка 1947
Љуботен 1950
Солунска Глава
1952
Започнуваат планинарски тури
и по другите планини во Македонија: Солунска
Глава, Пелистер и Галичица од 1951
до 1952 г. На 21.04.1953
г. по иницијатива на друштвото и на граѓаните
на Тетово, највисокиот врв на Шара, Голем
Турчин е преименуван во Титов Врв. На 31
Јануари 1954 го бележиме
трагичниот настан од движењето на штафетата
на младоста која требала да започне од Титов
Врв, кога двајца наши планинари: Диме Флејта
и Иван Чанак ги загубија своите животи во
лавината која затрупа и поголем број од
планинарите. По повод двата Илиндена, на
2 Август 1954
година друштвото започна да го организира
традиционалниот Илинденски слет на Лешница.
Во Август 1955 година
изведен е легендарен поход – пеш од Тетово
до Дубровник. Во февруари 1956
година, група членови од друштвото, активно
и најбројно се вклучени во спасувањето на
работниците , рударите и војската во Маврово,
погодено од катастрофална лавина. На крајот
од педесеттите години, организирани се посети
надвор од Македонија: Проклетије 1956
г., Велебит 1957
г. и Сутјеска 1958
г.
Лешница 1954
На пат кон Дубровник
1955
Велебит 1957
Шеесеттите години ги карактеризираат
традиционалните слетови на Лешница кои бројат
и по 400 учесници
на слет. Во ноември 1963
г. ја имаме честа да бидеме први носители
на планинарската штафета на Југославија.
Летото 1967 г. П.Д.
„Љуботен“ најмасовно ја организира и изведува
трансверзалата Љуботен – Титов Врв. Се нижат
акции. Во 1977 година
друштвото го организира „Походот на планинарската
младина на Југославија“. На 4
Јули 1978 г. нашето
друштво се вклучува во склопот на збратимени
планинарски друштва на СФРЈ.
Штафета 1963
Караниколичко
Езеро 1964
Титов Врв 1977
Осумдесеттите години добиваат
ново значење за планинарскиот клуб „Љуботен“.
На крајот на мај 1980,
клубот започнува во почетокот меморијално,
а покасно традиционално искачување на Титов
Врв. Оваа манифестација е една од најголемите
во Македонија и е значајна за голем број
планинари од Европа. Нашите членови започнуваат
да ги искачуваат највисоките врвови на Балканот
и во Европа. Во 1980
година по покана на П.Д. „Победа“ од Белград,
двајца наши членови, Јованоски Бошко – Пипа
и Апостолски Младен – Ганда, го искачуваат
Мон Блан и повеќе врвови на Алпите. Во периодот
од 1981 до 1985
година организирани се искачувања на Олимп,
Мусала, Триглав и Татрите.
Мон Блан 1980
Олимп 1981
Триглав 1983
Традиционалните манифестации
на локално и државно ниво продолжуваат.
Во јуни 1994 година
започна меморијалниот марш за нашиот Мирко
Маринковиќ. Во рамките на клубот во 1995
г. се формира алпинистичка секција, која
за краток поериод достигна навистина врвни
успеси, меѓу кои и дел од алпинистичките
насоки на Алпите и искачувањето на Мон Блан
во 1996 и 1997
год. Крајот на деведесеттите години е значаен
по искачувањето на највисокиот врв во Африка,
Килиманџаро, од страна на Зоран Тодоров
и Драшко Настоски на 23
Септември 1998 година.
Последните две години од деведесетите, членовите
на алпинистичката секција беа вклучени во
државната експедиција за симнувањето на
телото на Димитар Илиески - Мурато од Монт
Еверест.
Мон
Блан 1998
Качување на
мраз 1998
Килиманџаро
1998
Поради познатата состојба
во тетовско во 2001
и 2002 година, активностите
на П.К.„Љуботен“ стагнираа. Сепак, по две
години пауза, во 2003
година на Шара ги организиравме најпознатите
манифестации на клубот: 22-то
традиционално искачување на Титов Врв и
традиционалниот слет на Лешница. Од страна
на членовите на алпинистичката секција,
Надир Мурсели, Дарко Спироски и Јусуф Лизами,
во август 2003 година
беше искачен карактеристичниот врв на Алпите,
Марерхорн. Во авуст 2004
го организиравме 50-от
јубилеен Илинденски слет Лешница.
Титов Врв 2003
Матерхорн 2003
Лешница 2004
На почетокот од 2005,
Надир Мурсели тргна кон највисокиот врв
на Андите, Аконкакгва и стигна 600
метри под врвот. Во октомври 2005
година ја имавме честа да бидеме домаќини
на 7-те Балкански
планинарски средби „Попова Шапка 2005“.
На крајот од ноември 2005
година со свечено Собрание и историска излозба
на фотографии го прославивме 80-от
роденден на едно од најстарите активни планинарски
друштва во Македонија, П.К.„Љуботен“ - Тетово.
Аконкагва 2005
7 Балкански планинарски средби
Свечено Собрание 80 години П.К. Љуботен
Ги наведовме најзначајните
моменти од планинарскиот клуб „Љуботен“
проследени со текст и фотографии. Сепак
за богатата историја на клубот потребно
е многу повеќе простор и време, кои за заинтересираните
може да се одвојат.